Маја Коневска нов генерален секретар на ДКСК

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска едногласно ја избра Маја Коневска за генерален секретар на институцијата. Коневска во моментот работи како раководител на секторот за стратешко планирање и интегритет во Комисијата.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, објасни дека изборот на нов генерален секретар е потребен поради неговото назначување за претседател, со што му престанале претходните надлежности на таа позиција.

„Маја Коневска е дел од секретаријатот од 2005 година и има 20-годишно континуирано искуство. Во текот на својата кариера напредувала низ повеќе раководни позиции, од раководител на одделение до раководител на сектор, каде што е ангажирана и во моментот“, рече Чучуљ.

Тој додаде дека долгогодишниот ангажман на Коневска значително придонел за развојот на институцијата, особено во делот на меѓународната соработка, комуникацијата со граѓанскиот сектор и подготовката на клучни стратешки документи, меѓу кои државните програми и националните стратегии.

Чучуљ изрази уверување дека Коневска ќе се справи со предизвиците на функцијата генерален секретар и ќе ја унапреди работата на ДКСК.