По повод одбележувањето на првата годишнина од канонизацијата на Мајка Тереза, Архиепископијата во Калкута (Колката) во среда ќе одржи посебна миса на која светицата ќе биде прогласена за ко-патрон (созаштитник) на локалната црква.
Таа ќе биде заштитничка на архиепископијата рамо до рамо со Свети Францис Ксавиер.
Свечена церемонија во катедралата
Сестра Према, генерален поглавар на Мисионерките на љубовта, ги потврди деталите за настанот за време на дводневната уметничка презентација посветена на Света Тереза.
„На 6 септември во 17:30 часот ќе имаме света миса во Катедралата на Пресветата Бројаница и Архиепископот ќе ја прогласи Мајка Тереза за ко-патрон на Архиепископијата“, изјави сестра Према.
Архиепископот на Калкута, Томас Д’Суза, истакна дека ова е начин да ѝ се оддаде признанието што го заслужува.
„Сакавме да ја направиме Мајка наша ко-патрона. Го бараме нејзиното застапништво и ѝ го даваме значењето што ѝ доликува, особено во град како Калкута и тамошната Архиепископија“, рече Д’Суза.
Од Македонија до сиромашните во Индија
Мајка Тереза, родена во денешна Македонија, поголемиот дел од животот го помина во Индија, особено во Калкута. Таа станала член на сестрите од Лорето на 18-годишна возраст и набргу се преселила во Индија, каде работела како директорка на училиште во источна Калкута.
Пресвртниот момент се случил во 1946 година, кога почувствувала „повик од Бога“ да го напушти редот и да создаде заедница меѓу сиромашните. Мисионерките на љубовта ги основала во 1950 година, а редот денес брои над 5.000 членови. Мајка Тереза почина во 1997 година.
