Бети Ангелковска, мајката на девојката од Битола која била претепана, вели дека нема да се откаже од борбата за правда за својата ќерка. Таа тврди дека постојат видеоснимки, фотографии и други материјали кои, според неа, го документираат насилството.
Во своето обраќање, Ангелковска изрази револт поради тоа што, како што посочи, партнерот на нејзината ќерка сега ја тужи, обвинувајќи ја дека таа го тепала него.
„Има снимки, видео, материјали, слики. Јас лично ги гледам сликите и верувајте ми, пред очи ми се случува сè повторно“, порача мајката.
Таа рече дека сама ја одгледувала ќерка си 21 година и дека нема да дозволи некој да ѝ го уништи животот. Според нејзиното сведочење, во еден момент девојката избегала низ прозорец од домот и заминала во полициска станица.
Ангелковска најави дека ќе ја бара правдата до крај и упати апел до сите девојки и жени кои се соочуваат со насилство да не молчат и да го пријават.
„Апелирам до сите девојки и жени, ако има насилство, да не трпат, туку да пријават. Јас секој ден ја прашував ќерка ми: ‘Зошто трпиш, зошто?’ Но, конечно се реши и сега ќе ја барам правдата до крај“, порача Ангелковска.