„Штом на ’Портокалов‘ (Лазе) ќерка му Дарија е тука, сѐ е во ред.“ Ова била една од последните пораки што 16-годишната Драгана Минова ѝ ја испратила на својата мајка Ирена, само неколку часа пред да го загуби животот во пожарот. Мајката појасни дека „Портокалов“ е прекарот на обвинетиот обезбедувач Лазар Захариев, чие присуство (и присуството на неговата ќерка) на младите им влевало лажна сигурност дека вечерта е безбедна.
Тоа била порака дека нема вечерта да има рација во Пулс.
Полициската „Марица“ дошла и си заминала
Ирена Минова пред судот откри скандалозен детал за полициската пасивност таа вечер. Таа лично ја однела ќерка си пред дискотеката. „Имаше многу луѓе, повеќето беа малолетници. Дојде ’Марица‘ со ротација, но никој не се симна од полициското возило. Кога видоа, возилото тргна и си замина. Тогаш сфатив дека ’сѐ е во ред‘ и ја оставив Драгана,“ раскажа мајката, посочувајќи дека полицијата видела толпа малолетници, но не реагирала.
Сонот за педијатрија згаснал во чадот
Низ солзи, Ирена зборуваше за својата ќерка, која била втора година медицина во Штип и сонувала да стане педијатар. „Не го дочека 17-тиот роденден. Сакаше да им помага на децата. Пред да се симне од колата, ме гушна силно за последен пат,“ се присети мајката.
Во 02:11 часот по полноќ, Драгана пратила порака: „Мајка биди спокојна“. Тоа бил последниот знак на живот пред трагедијата. „Тука сум не дека сум силна, туку ѝ ветив на ќерка ми дека ќе ја зборувам вистината,“ заврши Минова.
