Македонец опериран со роботска кардиохирургија од македонски хирург во Германија

Македонски државјанин од Скопје, кој моментно живее и работи во Германија, успешно беше опериран со најсовремениот хируршки роботски систем da Vinci на Клиниката за кардиохирургија при Центарот за срце во Дуизбург.

Операцијата ја изведе тим предводен од д-р Едис Љаиќ, кардиохирург и специјалист за минимално инвазивна кардиохирургија, кој исто така е македонско потекло и раководи со секторот за роботска кардиохирургија во клиниката.

„Јас и мојот тим ја имавме честа да го оперираме нашиот сограѓанин со роботскиот систем da Vinci, кој рутински го користиме за вакви интервенции. Станува збор за 31-годишен пациент со дијагностицирана коронарна срцева болест. Операцијата траеше два и пол часа и помина одлично. Пациентот закрепнува брзо и без компликации, и само пет дена по интервенцијата ќе биде отпуштен на домашно лекување, во одлична општа состојба“, изјави д-р Љаиќ.

Пациентот престојува во Германија поради сезонска работа и е здравствено осигурен преку германскиот работодавач, а не преку македонскиот Фонд за здравствено осигурување.

„Овој пациент е првиот македонски граѓанин што е опериран со оваа високомодерна роботска техника, и тоа од страна на друг македонски хирург“, додава д-р Љаиќ.

Тој појаснува дека роботската кардиохирургија е најсовремена техника која во Германија моментно се изведува само во два центра – во Дуизбург и во реномираната клиника „Шарите“ во Берлин. На ниво на цела Европа, вакви интервенции се спроведуваат во не повеќе од 15 центри.