Македонија

Македонија добива национална фабрика за вештачка интелигенција

Македонија добива национална фабрика за вештачка интелигенција

Македонија денеска официјално ја претставува „Везилка“ – националната фабрика за вештачка интелигенција, проект осмислен да го забрза технолошкиот развој на земјата и да ја позиционира како активен дел од европскиот екосистем за вештачка интелигенција.

Проектот го координира Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. „Везилка“ е воспоставена во рамките на Европската заедница за високоперформансно пресметување и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата Хоризонт Европа.

Преку партнерството со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Фарос“, иницијативата ќе ѝ овозможи на Македонија да стане дел од заедничките европски напори за развој на доверлива, иновативна и етичка вештачка интелигенција насочена кон потребите на граѓаните.

Клучен сегмент на проектот е развојот на збирки податоци и дигитални ресурси на македонски јазик, со што ќе се зајакне застапеноста на македонскиот јазик и локалните особености во идните системи засновани на вештачка интелигенција.

Од факултетот нагласуваат дека „Везилка“ ќе придонесе за зацврстување на дигиталниот суверенитет на државата, ќе ја унапреди дигиталната трансформација на јавниот сектор и ќе отвори нови можности за истражување, претприемништво и развој на иновативни технологии.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни