Иако во последните години се забележува тренд на намалување на загадувањето, Македонија и понатаму се соочува со сериозни предизвици во квалитетот на воздухот. Според најновиот извештај за 2025 година на платформата „Ај-кју-ер“, земјава се наоѓа на 34 место во светот и на второ во Европа според загадувањето со ПМ 2,5 честички.
Со коефициент од 21,2, Македонија ги надминува дозволените вредности на штетните честички за три до пет пати, веднаш зад Босна и Херцеговина, а пред Србија.
Најзагадени градови во земјава во текот на минатата година биле Тетово и Струмица, со коефициент од 27,3, што значи дека концентрацијата на ПМ 2,5 честички достигнувала нивоа од пет до седум пати над дозволеното. На листата следуваат Гостивар на 18 место, како и Кичево и Куманово на 31 и 32 позиција. Скопје е рангиран на 113 место со коефициент од 19,1.
Извештајот покажува дека 2025 година сепак била со најнизок просек на загадување во споредба со претходните години, кога вредностите надминуваа коефициент од 35. Најзагадени месеци биле јануари, февруари и декември, додека најчист воздух имало во април и мај. Во главниот град исто така е забележано постепено подобрување, со континуиран пад на загадувањето од 2018 година наваму.
Анализата на „Ај-кју-ер“ опфаќа податоци од 9.446 градови во 143 земји. Во споредба со претходната година, 54 земји бележат зголемување на загадувањето, 75 намалување, додека кај две нема промена.
Според извештајот, само 14 проценти од градовите во светот ги исполнуваат препораките на Светската здравствена организација за ПМ 2,5 честички, што претставува намалување во однос на претходниот период.
Најчисти држави во светот се Француска Полинезија, Порторико, Американските Девствени Острови, Барбадос, Нова Каледонија, Исланд, Бермуди, Реунион, Андора, Австралија, Гренада, Панама и Естонија.
Од друга страна, најзагадени земји во 2025 година биле Пакистан, Бангладеш, Таџикистан, Чад и Демократска Република Конго. Најзагаден град е Лони во Индија, со концентрација на ПМ 2,5 честички од 112,5 микрограми на кубен метар, што е повеќе од 22 пати над препорачаните вредности.
Податоците покажуваат дека иако има одреден напредок, загадувањето на воздухот останува глобален проблем, а Македонија и понатаму е високо рангирана меѓу земјите со најзагаден воздух.
