На последната седница на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) беа донесени неколку значајни одлуки:
Распределба на средства од УЕФА Лига на шампиони – солидарна шема за 2023/24: Управниот одбор одлучи дека женските екипи од Првата МФЛ ќе добијат вкупно 90.000 евра. Средствата ќе бидат рамномерно распределени помеѓу деветте екипи од минатата сезона.
Цени на влезници за квалификацискиот натпревар Македонија – Велс: За првиот домашен натпревар од квалификациите за СП 2026, што ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ на 25. март 2025, влезниците ќе чинат 300 денари за источната и западната трибина, 400 денари за јужната и северната трибина, а 900 денари за првата категорија (северна трибина, блок 15).
Бесплатен влез за натпреварите на женските репрезентации: Влезот за натпреварот помеѓу женските репрезентации на Македонија и Косово (21. март, Т.Ц. „Петар Милошевски“) ќе биде бесплатен, исто како и за натпреварите на женската репрезентација до 19 години против Босна и Херцеговина (23. и 25. март).
Набавка на нова механизација за тренинг центарот: Одлучено е да се набават машини и механизација за подобро одржување на терените на тренинг центарот „Петар Милошевски“.
Зголемување на таксите за координаторите и судиите во Детска лига: Управниот одбор одлучи за зголемување на таксите за координаторите во регионите на Детската лига за околу 30 проценти, а исто така и за судиите во оваа лига.
Зголемување на делегатските такси во Прва и Втора МФЛ: Таксите за делегатите во Првата и Втора МФЛ ќе се зголемат за 30 проценти.
Членство на Здружението на судии во ФФМ: Врз основа на барање за членство, Управниот одбор одлучи Здружението на судии да свика Собрание во текот на годината согласно својот Статут и да изберат органи. По запишувањето во Централниот регистар, ќе се разгледа можноста Здружението да стане членка на ФФМ на Собрание во 2026 година.