Македонска пошта реагираше на денешниот протест организиран од еден од синдикатите на вработените, оценувајќи го како тенденциозен и несериозен. Од компанијата потенцираат дека платите за сите вработени веќе се обезбедени, а протестот, според нив, е политички мотивиран и резултат на манипулација на вработените.
„Синдикатот е навремено информиран дека проблемот е решен и дека за сите вработени е обезбедена плата. За жал, некои политички структури ги злоупотребиле вработените, со цел да се наруши нормалното функционирање на Пошта на Северна Македонија“, се наведува во соопштението.
Од Македонска пошта истакнуваат дека се во континуирана комуникација и координација со Владата, со цел да се решаваат сите проблеми во тековното работење на институцијата.
„Упатуваме апел до сите синдикални организации да се вклучат во решавањето на предизвиците без да бидат провоцирани и манипулирани. Пошта на Северна Македонија работи со полн капацитет и во наредниот период ќе продолжиме со унапредување на ефикасноста и квалитетот на услугите за сите комитенти“, се додава во соопштението.

