4NEWS.mk

Македонското рударство губи работници и производство – Иловица како можност за нова инвестициска динамика

Македонското рударство губи работници и производство – Иловица како можност за нова инвестициска динамика

Рударскиот сектор во Македонија продолжува да се соочува со негативни показатели. Новите статистички податоци покажуваат дека за една година се намалиле и производството и бројот на работниците во оваа индустрија.

Во јули 2026 година, секторот „Рударство и вадење камен“ регистрирал пад на производството од 5,9% во однос на јули минатата година. Бројот на работниците во секторот, пак, се намалил за 7,8%.

Трендот е спротивен на движењето на вкупното индустриско производство, кое во јули бележи раст од 1,3%.

Падот на активноста и на бројот на вработени покажува дека на секторот му се потребни нова инвестициска динамика, современи технологии и развој на проекти кои ќе ги исполнуваат високите еколошки стандарди.

Во тој контекст, како една од активните инвестиции се издвојува проектот за бакарен рудник во Иловица. Според најавите, проектот би се темелел на современи технологии и принципи на одговорно и одржливо рударство.

На ова наоѓалиште годишно би се произведувале околу 16 илјади тони бакар, што значително ќе влијае на македонскиот извоз, а самата инвестиција би тежела 350 милиони евра. Дополнително, инвеститорот информираше дека проектот ќе придонесе за економијата и со 500 директни вработувања и над две илјади индиректни вработувања. Од друга страна, голем број на инвестиции во рударството во минатото не се реализираа, а нов рудник во Македонија се нема отворено повеќе од четириесет години.

На неодамнешното одбележување на Денот на рударите, претседателот на Македонската асоцијација за рударство, Диме Петрески порача да се создаде стабилен и предвидлив амбиент во кој рударскиот сектор ќе може да се развива, да привлекува инвестиции, да отвора нови работни места и да придонесува уште повеќе кон економскиот развој на Македонија.

„Рударството отсекогаш имало значајно место во економскиот и

индустрискиот развој на Македонија. Денес, во услови на големи економски,

енергетски и технолошки промени, неговата улога станува уште позначајна.

Без суровините што ги обезбедува рударството, тешко можат да се замислат

современата индустрија, енергетиката, градежништвото и технолошкиот

развој. Но, современото рударство мора да биде и одговорно рударство – рударство кое ги почитува највисоките стандарди за безбедност и заштита на животната средина, ги применува современите технологии и создава долгорочна корист за државата, локалните заедници и граѓаните“, истакна Петрески.

Универзитетскиот професор Ѓорѓи Димов потенцираше дека рударството има длабоки корени во историјата и развојот на Македонија, но дека рударството не е само дел од нашето минато, туку е и важен дел од нашата сегашност.

„Денес, кога светот забрзано се менува, улогата на минералните суровини

станува сè позначајна. Енергетската и дигиталната транзиција, развојот на

новите технологии, индустријата и современата економија се незамисливи без

минералните суровини. Но, истовремено, денес не можеме да зборуваме за иднината на рударството без да зборуваме и за заштитата на животната средина. Современото рударство мора да биде безбедно, технолошки напредно и економски одржливо, но и одговорно кон природата, водите, почвата, биодиверзитетот и локалните заедници“, нагласи Димов. 

Според професорот, рударството не е професија на минатото, туку професија на иднината. 

„Но, тоа ќе биде рударство со ново лице – побезбедно, поефикасно, дигитализирано и пред сè, поодговорно кон животната средина. Нашата порака до рударската индустрија е дека универзитетот и индустријата мора да бидат вистински партнери. Само преку заедничка работа, научноистражувачка дејност и примена на нови технологии можеме да создадеме рударство кое ќе биде конкурентно, безбедно и одржливо“, заклучи Димов.

Македонското рударство годишно контрибуира со околу 250 милиони евра приходи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни