Македонија

Макрон подготвен да попушти за датумот – ќе го смени ставот под два услови, а Скопје и Тирана да ги довршат реформите

Доколку во следниве месеци се реформира преговарачката методологија, а Скопје и Тирана ги довршат внатрешните реформи, Претседателот на Франција, Емануел Макрон изрази подготвеност да попушти околу отпочнувањето на преговорите. Ова Макрон го изјави во интервју за списанието „The Economist“, воедно обвинувајќи ги земјите-членки на ЕУ дека на Самитот од 18-ти октомври во Брисел се сокриле зад ветото на Франција, кога всушност, како што вели, мнозинство земји биле „за“ датум за Скопје, но не и за Тирана.

Премиерот Зоран Заев очекува Макрон да донесе одговорна одлука во првата прилика. Средбата на 12-ти ноември меѓу Макрон и Претседателот Пендаровски, Заев ја гледа како шанса  францускиот шеф да се запознае со вистината и успесите на Македонија.

Што се однесува на реформирањето на преговарачката методологија, Заев смета дека може да се адаптира до првата меѓувладина средба која се одржува по позитивна одлука на Европскиот совет. Се очекува барањата на Франција за реформирање на преговарачката методологија, подетално да се разгледаат на средбата на шефовите на дипломатиите на членките, што ќе се одржи на 19-ти ноември во Брисел. Франција бара процесот да биде повратен, односно повторно отворање на поглавјата кои биле затворени ако се утврди дека некоја земја забележала регрес во некое поле.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“ изјави дека не смета дека ЕУ донела неправедна одлука за одложување на датумот за старт на преговорите. Напротив, како што пренесува хрватскиот весник, Мицкоски смета дека ова е последица на тригодишната катастрофална политика на Зоран Заев. Мицкоски додава дека ова не било еднострана одлука на Макрон, туку на уште неколку земји членки на ЕУ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ воедно вели дека во блиска иднина не верува дека Макрон ќе ја смени својата одлука.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни