Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска истакна дека претседателот на СДС, Венко Филипче, потврдил дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи.
„Ја разбираме импресионираноста на Филипче од српскиот свет, но вистината е дека единствената врата за српскиот свет во Македонија е Филипче, кој се однесува како мал Заев. Ако Заев се бореше за Бугарија, Филипче се бори и за Бугарија и за дел од српскиот свет“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека признавањето на Филипче дека не градел со Заев во Дубаи, всушност потврдува дека Заев градел. Манасиевски постави прашања до Филипче за златната виза во Дубаи и за станот кој според сведоштво на Тома Аврамски бил поврзан со него.
„Го повикуваме Филипче да одговори на прашањата за тоа како се стекнал со златната виза, дали станот е негова сопственост или на трето лице, и ако е врз база на работа во Дубаи, да ја објави документацијата. Зошто се крие? Вистината секогаш излегува на виделина“, додаде Манасиевски.
Според неговите тврдења, поранешниот премиер Заев и неговиот тим, по седум години на власт, оделе во една од најбогатите држави за да градат висококатница, што според него го покажува вистинското лице на СДС.
На денешниот брифинг, Филипче одговори на прашањето „Градите ли со Заев во Дубаи?“ со следното:
„Не, апсолутно тоа е една голема невистина и дел од обид да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми. Процес којшто трае повеќе време наназад.“
Манасиевски истакна дека ова не ја демантира градбата на Заев, туку само го исклучува Филипче од учество, додавајќи дека јавноста заслужува одговори за сите финансиски и имотни прашања поврзани со висококатницата и златната виза.
