Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција упати серија прашања до поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, поврзани со неговото патување и стекнувањето на т.н. „златна виза“ за Дубаи.
„По големите реформи што ги спроведе во СДС, Филипче замина на одмор за празниците во Дубаи, во стан за кој јавноста не доби јасен одговор дали е негов или не“, изјави Манасиевски. Тој додаде дека Филипче, како поранешен функционер на СДС, треба да даде објаснување за потеклото на златната виза, која според познатите услови се стекнува преку минимум инвестиција или недвижност од 500.000 долари, или пак преку бизнис во Дубаи.
„Јавноста заслужува одговори за тоа како Филипче, со неговата докторска плата или пратеничка плата, успеал да стекне ваков луксуз. Дали тоа е поврзано со тендери и анекси за кои Јавното обвинителство посочува дека ги чувало во фиоки?“, рече Манасиевски.
Тој потенцираше дека темите кои СДС ги пласира во јавноста, а кои според него се лажни, служат како дефокус од наводниот криминал на поранешни функционери на партијата.
„Го повикуваме Јавното обвинителство да постапи и да утврди како Филипче добил златна виза за Дубаи, а како поранешниот премиер Зоран Заев стекнал недвижност – 42-катница во Дубаи“, заклучи Манасиевски.
