Маричиќ: Целта ни е подобар живот на граѓаните – тоа е ЕУ, важна е поддршката од европските партнери за напредок

Денеска на иницијатива на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се одржа состанок со евроамбасадорот Дејвид Гир и шефовите на Мисиите на ЕУ во нашата земја, на кој се разговараше на повеќе актуелни политички теми, со фокус на динамиката на процесот на преговори со ЕУ и реформите.

– Правиме напори да ја промениме атмосферата што владее кај опозицијата за уставните амандмани и ова е во овој момент од најголема важност за нас, момент од кој зависи следниот напредок и задржување на европскиот дискурс на државата, рече Маричиќ.

Тој додаде дека реформите се високо на агендата на Владата и дека веќе се дефинирани клучните и најитни приоритет кои ќе се испорачаат, без понатамошно одлагање, а се однесуваат на именувања на јавни функционери, нова нацрт Стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030) со Акцискиот план (2023-2026), како и Стратегијата за реформи во правосудниот сектор која е во завршна фаза.

– Со нетрпение очекуваме позитивни сигнали и охрабрување за вашите услуги, но и рационалниот пристап на земјите-членки на ЕУ е од исклучителна важност за Северна Македонија, рече Маричиќ изразувајќи очекување дека што поскоро ќе ги добиеме и скрининг Извештаите за Кластерите за кои е сме го завршиле скринингот.

Од страна на шефовите на Мисиите на ЕУ беше дадена поддршка за процесите кои ги води Северна Македонија и непоколебливиот пристап на Владата да направи нов напредок кон ЕУ, посочувајќи дека покрај уставните измени мора Владата да остани исто така фокусирана и на реформската агенда, за во наредните 7 години ги може успешно да ги заврши обврските и задачите кои ги има државата во текот на преговори со ЕУ.

На состанокот вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ кратко ги брифираше за скрининг процесот, за кој кажа дека се одвива според планираниот календар и дека го цениме нацрт скрининг Извештајот за Кластерот „Фундаментални вредности“, кој даде насоки и беше добра основа за изработка на клучниот документ за отворање на Кластерот 1, Патоказот за владеењето на правото.