Кинеските власти размислуваат да го продадат американскиот бизнис на социјалната мрежа ТикТок на Илон Маск доколку компанијата не успее да спречи судска забрана на платформата во САД.
Судиите на американскиот Врховен суд треба да донесат одлука за законот, со кој е поставен краен рок до 19 јануари Тикток или да ги продаде своите операции во САД или да се соочи со забрана во земјата.
Властите во Пекинг најмногу сакаат американскиот бизнис на ТикТок да остане во сопственост на матичната кинеска компанија ByteDance, но анализираат и сценарија за вонредни ситуации, од кои едно е продажба на Илон Маск, пренесува Bloomberg, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Според едно сценарио за кое наводно разговарала кинеската влада, компанијата на Маск Х (Твитер) ќе ја преземе контролата врз ТикТок во САД и компаниите заеднички ќе го водат бизнисот, додаваат изворите.
Тикток има повеќе од 170 милиони корисници во Соединетите Држави, што би помогнало во напорите на Платформа Х да привлече огласувачи. Маск има и посебна компанија за развој на вештачка интелигенција xAI, која би можела да има корист од огромниот број на податоци на ТикТок.
Кинеските власти допрва треба да постигнат цврст консензус за тоа како да се продолжи, а нивните размислувања се сè уште прелиминарни, велат изворите на њујоршката агенција.
Претставниците на ТикТок, кои во минатото постојано нагласуваа дека нема да го продаваат својот бизнис во Америка, ја демантираа веста на Блумберг и ја нарекоа „чиста фикција“.
„Не може да се очекува да коментираме за чиста фикција“, изјави портпаролот на Тикток за Би-Би-Си. Платформата Х сè уште не одговорила на барањето за коментар.