Матичните гинеколози во Македонија упатија јавна реакција до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, барајќи ревизија на договорите и јасно дефинирање на услугите кои се обезбедени во примарната гинеколошка здравствена заштита.
Реакцијата следува по контролите кои ги изврши Фондот, а при кои беше утврдено дека дел од матичните гинеколози им наплатувале услуги на пациентки што според законот треба да бидат бесплатни. Гинеколозите појаснуваат дека проблемот не се злоупотреби, туку системски недоследности и нејасно дефинирани услуги.
Вчера од пред Министерството за здравство тие порачаа дека е потребна ревизија на договорите со Фондот, за точно да се утврди кои услуги се бесплатни за пациентките, а кои не се.
Министерството потврди дека ќе ги разгледа барањата на матичните гинеколози.
„Потенцираме дека упатствата за медицина базирана на докази континуирано се ревидираат и обновуваат, следејќи ги современите текови во медицината, така што и во конкретниот случај стручните служби ќе ги разгледаат сите аспекти, согласно барањето на Здружението на матични гинеколози и акушери на Македонија“, соопшти Министерството за здравство.
Гинеколозите нагласија дека очекуваат институционален дијалог, но не ја исклучуваат можноста за протест доколку не се обезбеди брза реакција.
