Македонија

Мажи од Косово нелегално сечеле дрва во кумановско липковскиот регион!

Мажи од Косово нелегално сечеле дрва во кумановско липковскиот регион!

При заедничка акција на ЈП „Македонски шуми“, Шумската полиција, Граничната полиција и СВР Куманово одземени се огревни дрва, а приведени се неколку косовски државјани.

Исто така, запленето е комбе со фалсификувана документација.

Веста на социјалните мрежи ја објави Кире Михаилов, заменик-директор на ЈП „Македонски шуми“, кој вели дека поднесени се пријави против повеќе познати и непознати сторители.

„Во поголема акција која се одвиваше изминативе неколку дена во кумановско липковскиот регион, одземавме огревно дрво од повеќе локации, приведени се неколку косовски државјани, одземено е едно ТМВ комбе и поднесени се пријави против повеќе познати и непознати сторители!

Во текот на изминативе неколку дена, во добро координирана акција во која покрај ЈП “Македонски Шуми” учествуваа Шумската Полиција од Куманово, Граничната Полиција РЦ Север и СВР Куманово беше сузбиена поголема добро организирана група дрвокрадци кои подолг период оперираа во кумановско липковскиот регион во близина на границата со Косово!

Одземена е поголема количина на различни дрвни сортименти, но пред се огревно дрво од Злокуќани, Руница, Матејче и од место викано Буково во близина на Белановце, на границата со Косово.

Во Матејче, покрај дрвата, одземено е и ТМВ комбе кое било со фалсификат документација.

На лице место во Буково се приведени и тројца косовски државјани кои биле дел од организираната група и истите веднаш се извадени пред судија на истражна постапка за да бидат осудени.

Материјалната штета која е причинета при сечење на дрвата кои беа конфискувани во овие неколку дена е повеќе од 300.000 денари, а оваа група во изминатиов период има причинето милионска штета.

Во текот на наредните денови ќе биде спроведена и истрага во однос на тоа дали дел од нашата шумочуварска служба била во тесна врска со оваа организирана група“, напиша тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни