Денешното доставување документи од страна на СДСМ во Владата, како поткрепа на нивните сомнежи за наводна корупција и неправилности во работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, тој го оцени како обид да ја продолжат непроверената приказна и додаде дека административните или архивските пракси не може да се претстават како голем скандал.
Во својот одговор, Меџити нагласи дека ваквите обвинувања биле изнесени и од ДУИ, а сега, за жал, СДСМ продолжува по нивниот пример, што јасно покажува дека нападите се синхронизирани.
„Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина, но кога увидоа дека Инспекторатот, кој беше автономен во нивно време, сега е дел од Министерството, преминаа на второто обвинување – дека постојат услови за злоупотреба според констатациите на Административниот инспекторат. Сепак, се работи за редовна контрола која беше планирана во програмата на Државниот административен инспекторат. Ова е само опомена и забелешка за некоја воспоставена пракса, а не за ингеренции или други проблеми“, изјави Меџити на прес-конференцијата по повод завршниот настан на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на индустриското загадување“.
Меџити истакна дека ваквата пракса била воспоставена од 2016 година, кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, а продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и Каја Шукова, кои се редица министри од редовите на СДСМ и ДУИ.
„Управниот инспекторат е само опоменат и веќе ја обжалил опомената. Ќе оставиме на крај да видиме каков ќе биде исходот, но не се работи ни за ингеренции, ниту за нешто друго. Во прилог на соопштението од Министерството за животна средина се документите со деталите за оваа пракса, кога е почната и како функционирала“, заклучи Меџити.