Меџити: Чаир заслужува модерна и функционална општина

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, денеска на прес-конференција ја претстави својата изборна кампања, нагласувајќи дека општината заслужува визија, конкретни дела и современи решенија за долгогодишните проблеми.

„Време е за решавање на сообраќајниот хаос и проблемите со паркирањето, за почист Чаир, за нови градинки и за воведување едносменска и целодневна настава во училиштата. Сега е време за културни фестивали, за жива Чаршија и отворено културно Кале. Чаир треба да стане студентски, образовен и културен центар за Албанците,“ истакна Меџити.

Тој нагласи дека неговата кандидатура не е само борба за функција, туку, како што рече, „почеток на мисија за ослободување од корумпираниот систем кој со години ја држел општината во неизвесност и поделби“.

Меџити најави повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба на подземен паркинг кај плоштадот „Скендербег“, катна гаража кај комплексот „Чаирчанка“ и монтажни гаражи во Стопанско поле и кај салата „Партизан“. Притоа, посочи и проширување на клучни сообраќајници, како улицата „Цветан Димов“, модернизирање на системот за управување со отпад, чистење диви депонии и уредување на зелени површини.

„Младите не се само нашата иднина, тие се нашата сегашност. Затоа ќе основаме бизнис инкубатор за стартапи и локален фонд за млади претприемачи. Ќе вложиме во реконструкција на училиштата, воведување паметни табли и создавање современи образовни услови,“ додаде тој.

Во својата програма Меџити предвиде и враќање на културниот живот во Чаир преку заживување на културни манифестации и инвестирање во спортската инфраструктура.

„Времето на поделби заврши. Сега е време за работа, ред и развој. Време е за Чаир,“ порача Меџити.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.