Меѓународен ден на лицата со хендикеп, јавниот превоз – најгорчлив проблем

Суаред Алишани има оштетување на видот од 99%. Како лице со попреченост, најголема пречка му е како да пристапи до институциите, но смета и дека е критично што нема ниту кадар, ниту квалитетни книги со чија што помош децата со оштетен вид би ја научиле Брајовата азбука.

„Дали нас не прашувате како ние во автобуските постојки се снаоѓаме? Тоа е најголемата болна точка за која сите институции ќутат. Автобуските постојки не се решени и не се достапни за лица со попреченост. Пред некој ден чекам автобус и се удрив во девојче. Девојчето падна и јас требаше да и помогнам. И тоа не е регулирано бидејќи тука направиле и пешаци да чекаат автобус, а на исто место да има и велосипедисти“, изјави Суард Алишани, лице со оштетен вид.

Чедомир Трајковски е родител на дете со интелектуална попреченост. Тој ја поздрави одлуката за отворање повеќе локални центри за овие лица. Сепак, смета дека се уште, ниту една од  државните институции или служби, а најмалку јавниот превоз, не се достапни за лицата со хендикеп.

„Јас сум родител на дете со интелектуална попреченост, тој има 24 години. Сега веќе има можност за вклучување во детските градинки и училиштата. Кога тој се роди немаше таква можност. Сега оди во дневен центар за чија работа може да кажеме дека имаме забелешки, но сепак е добро што има вакви институции во нивното место на живеење“, изјави Чедомир Трајковски, претседател на порака.

Од министерството за труд и социјална политика најавија дека од 2019 година со новиот Закон за социјална заштита, кај родителите на децата со попреченост ќе се зголеми надоместок за плата за скратено работно време во висина од 50 проценти од просечната плата. Се воведува и траен надоместок за родител според кој, секој родител кој се грижел за своето дете со хендикеп до неговата 26-та година и не го дал во институција, ќе може да оствари право на пензија иако не ги исполнил условите за тоа.

Инаку, последните податоци покажуваат дека во земјава има околу 21 илјада деца со попреченост.  Сепак, поголем дел од нив се оставени на маргините на општеството.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
  • Ознаки
  • 1
spot_img

Најважното