Мелони: Италијанската влада е подготвена да помогне во обуката на идните палестински полицајци и лидери

Италијанската премиерка Џорџа Мелони денес изјави дека италијанската влада е подготвена да помогне во обуката на идните палестински полицајци и политички лидери, како и да придонесе за обновата на Појасот Газа.

„По долго време, се соочуваме со веројатна перспектива за праведен и траен мир на Блискиот Исток“, изјави Мелони пред членовите на италијанскиот Сенат.

Опишувајќи го прекинот на огнот прогласен претходно овој месец, со кој заврши двегодишната војна меѓу Израел и Хамас, како „кревок“, таа рече дека меѓународната заедница треба да се обиде да го одржи „решително и трпеливо“. Мелони додаде дека ќе го информира претседателот на Палестинската самоуправа Махмуд Абас за нејзината понуда да помогне со обуката кога ќе се сретнат во Рим на почетокот на ноември за да разговараат за обновата на оштетените палестински територии. Малони повтори дека нејзината влада нема да ја признае државата Палестина сè додека Хамас не се разоружа и не престане да има каква било улога во управувањето со Газа.