Кандидатот за градоначалник на Струга, Менди Ќира, во рамки на предизборната дебата на ТВ21 ја претстави својата програма за решавање на еден од најголемите проблеми во градот – недостигот од паркинг места, особено во летниот период.
Ќира најави изградба на два нови паркинзи – еден во центарот на градот и друг во близина на плажата, со вкупен капацитет од околу 750 паркинг места. Според него, проектот ќе биде модерен, дигитализиран и еколошки прифатлив.
„Имам подготвен проект со кој преку GPS систем граѓаните ќе можат однапред да резервираат паркинг место, дури и од селата околу Струга. Тоа е проект кој може да се реализира за два до три месеци по добивањето на мандатот“, изјави Ќира.
Паркингот во центарот, според планот, ќе биде подземен на две нивоа, а површината над него ќе биде уредена како зелен простор со фонтана и игралиште за деца.
„Тоа ќе биде најубавиот дел од градот. Проектот може да се реализира како јавнo-приватно партнерство, а веќе има компании од дијаспората кои покажале интерес. Можно е и заедничко финансирање со сопствениците на околните објекти“, додаде Ќира.
Вториот паркинг, кој се планира во близина на плажата, ќе биде со помал буџет, но со паметно искористен простор. „Теренот таму овозможува едноставна изградба – со копање од само еден и пол метар може да се направи двонивен паркинг и трајно да се реши овој сериозен проблем“, објасни кандидатот.
И неговиот противкандидат Арсим Далпи во својата програма најави три подземни паркинзи, но истакна дека негов приоритет ќе биде поголем дел од нив да бидат јавни и достапни по пристапни цени, со современ софтвер за управување и информации за слободни места за туристите и жителите.
Со овие предлози, темата за паркирањето се наметнува како една од клучните точки во кампањата за Струга, каде што летниот метеж секоја година претставува сериозен урбанистички и сообраќаен предизвик.