Во првите денови на Земјата, кога Месечината штотуку се формирала, деновите траеле околу пет часа, но поради кочничкиот ефект што Месечината го има врз Земјата во последните 4,5 милијарди години, деновите постепено се продолжиле на сегашните 24 часа.
Месечината многу бавно се оддалечува од Земјата, и еден ден тоа ќе влијае врз концептот на време каков што денес го познаваме, откриваат научниците. Причината зошто се оддалечува постепено од нашата планета има врска со гравитацијата и нешто што се нарекува сила на плима и осека. Кога гравитацијата на Месечината дејствува врз Земјата, таа предизвикува издигнување на океаните – создавајќи плима. Сепак, поради ротацијата на Земјата, тоа издигнување не се наоѓа точно под Месечината, туку малку пред неа. Тоа создава некаков вид „гравитациско надмудрување“, и бидејќи издигнувањето е пред Месечината, тоа всушност ја влече напред во нејзината орбита. Поради тоа, Месечината полека се оддалечува, со брзина од околу 3,82 сантиметри годишно.
Како што нашата планета се оддалечува од Месечината, деновите на Земјата се продолжуваат за околу 1,7 милисекунди на секои 100 години. Научниците можат прецизно да го пресметаат тоа благодарение на огледалата кои астронаутите од Аполо мисијата ги оставиле на Месечината. Одбивањето на ласери од тие огледала овозможува многу прецизно мерење на оддалеченоста до Месечината.
– Иако 3,78 сантиметри не звучи многу, таа мала разлика во доволно долг временски период може да влијае на животот на Земјата, забавувајќи ја нејзината ротација – изјави научничката Меги Адерин Покок за BBC и додаде:
– На самите почетоци на Земјата, кога Месечината штотуку се појавила, деновите траеле околу пет часа. Но, поради нејзиниот кочнички ефект врз Земјата во последните 4,5 милијарди години, деновите се успориле до 24 часа – и ќе продолжат да се продолжуваат и понатаму. Научничката објасни и како се дошло до овие пресметки.
– Со набљудување на дневните линии на растење на коралите, можеме да го пресметаме бројот на денови кои се случиле во текот на една година во минатите периоди и од тоа гледаме дека деновите стануваат се подолги – со брзина од 19 часа на секои 4,5 милијарди години – објасни таа и додаде:
– Должината на денот, односно брзината на ротација на планетата, игра голема улога во нејзината стабилност.
Таа сето тоа го спореди со „тањир што се врти на стап“ и рече дека „клучно е тањирот брзо да се врти, бидејќи ако се успори – ќе падне на подот“.
– На сличен начин, како што ротацијата на Земјата се успорува, нашата планета би можела полека да почне да се ниша – што би можело да има разорен ефект врз годишните времиња – предупреди таа.
Иако човечкиот род нема многу причини за страв, научничката напоменува дека поголемиот дел од животинскиот свет не е толку приспособлив, и ако тие промени се случат нагло поради нестабилно планетарно нишање, многу животни нема да бидат во состојба доволно брзо да еволуираат за да хибернираат или да мигрираат на безбедно.