Наука и технологија

Мета експресно ја укина алатката што од јавни профили на Инстаграм создаваше слики со вештачка интелигенција

Мета експресно ја укина алатката што од јавни профили на Инстаграм создаваше слики со вештачка интелигенција

Мета нагло ја повлече новата функција што им овозможуваше на корисниците, преку алатка заснована на вештачка интелигенција, да создаваат лажни слики од содржината на јавните профили на Инстаграм.

Функцијата беше дел од „Мјуз Имејџ“, алатка што Мета ја објави во вторник и што му овозможуваше на разговорен робот со вештачка интелигенција да користи содржина од јавни профили за создавање нови слики.

Одлуката за укинување следеше по жестоки критики поради загриженост за приватноста; Мета призна дека „промашила целта“, пренесе Би-Би-Си.

Особено на удар беше автоматското вклучување на корисниците. Првиот обид на Мета за генерирање слики со вештачка интелигенција ги вклучи корисниците на Инстаграм со јавни профили без нивно изречно одобрение, што значеше дека ликот на секоја личност со јавен профил можеше да се користи без нејзино знаење или дозвола.

Холивудскиот синдикат САГ-АФТРА го опиша пресвртот на Мета како „победа“. Претходно ги повика своите членови и „сите корисници на Инстаграм“ да преземат мерки за заштита на својот лик, оценувајќи дека станува збор за „целосно погрешна проценка на расположението на јавноста во врска со очигледните ризици и штети што ваквата употреба ги носи“.

Лондонската организација за човекови права „Прајваси Интернешнл“ исто така ја критикуваше функцијата, изјавувајќи за Би-Би-Си дека тоа е „последниот знак дека компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција ги гледаат сликите и податоците на луѓето како суровина за експлоатација“.

„Нашата намера беше да обезбедиме корисна креативна алатка и да им дадеме на луѓето контрола дали нивната јавна содржина може на ваков начин да се користи како упатување“, соопшти Мета по одлуката за повлекување. „Ги сослушавме реакциите.“ Кога Мета го најави „Мјуз Имејџ“, компанијата наведе дека ќе биде ограничен на Инстаграм, но дека се планираат дополнителни функции и интеграции за Ватсап, Фејсбук и Месинџер. Во развој е и алатка за видео заснована на вештачка интелигенција. Мета одби да даде дополнителни коментари.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни