Мета со силен квартал: Раст на приходите, скоро милијарда корисници на Meta AI и нови уреди со вештачка интелигенција

Мета ја објави кварталната заработка со импресивни резултати и порака од извршниот директор Марк Закерберг дека вештачката интелигенција (AI) ја трансформира секоја област од работењето на компанијата. Според него, годинава започнала силно – повеќе од 3,4 милијарди луѓе користат најмалку една од апликациите на Мета дневно, а речиси милијарда корисници веќе активно го користат Meta AI.

„Нашата заедница расте, бизнисот се развива, и сме добро позиционирани да се справиме со макроекономската неизвесност“, рече Закерберг.

Компанијата идентификуваше пет главни области каде AI е клучен двигател:

  1. Подобрување на огласувањето – преку нови модели за препораки и AI-генерирана креатива, веќе се бележи 5% зголемување на конверзиите преку Reels и 30% повеќе огласувачи користат AI алатки.
  2. Позанимливи содржини – подобрувањата во препораките резултирале со зголемување на времето поминато на апликациите (7% на Facebook, 6% на Instagram, 35% на Threads).
  3. Бизнис пораки – WhatsApp има над 3 милијарди активни корисници, а Мета планира да го направи AI агенти составен дел од комуникацијата меѓу компании и клиенти.
  4. Meta AI – оваа лична AI алатка е достапна и како самостојна апликација, а во фокус е персонализација, гласовна интеракција и забава.
  5. AI уреди – паметните очила Ray-Ban Meta бележат троен раст во продажба, а нови модели се очекуваат до крајот на годината. Компанијата гледа на очилата како следна платформа за дигитални интеракции.

Закерберг истакна и дека компанијата агресивно инвестира во инфрастуктура за развој на генеративна интелигенција, вклучувајќи ги и новите Llama 4 модели – мултимодални, ефикасни и со низок латентен период.

„Ова е клучна година за индустријата. Работиме брзо, но и паметно, за да обезбедиме водство во иднината на AI и технологијата“, заклучи извршниот директор на Мета.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното