Под влијание на активен циклон, од денеска се очекуваат врнежи од дожд низ целата земја, со посилни појави во јужните и западните региони, каде локално се предвидуваат над 20 литри на метар квадратен.
Поради спуштање на ладна воздушна маса, на повисоките места врнежите ќе бидат мешани – дожд и снег, а на планините ќе биде исклучиво снег. Времето ќе биде ветровито со засилен ветер, а во текот на ноќта повремено силен ветер кој на североистокот може да достигне и над 70 км/ч.
УХМР предупредува дека пообилни врнежи се очекуваат и утре, локално над 30 литри на метар квадратен. Во петок и сабота времето ќе биде променливо облачно, со услови за локален дожд. Во сабота ветерот повторно ќе се зајакне на моменти, достигнувајќи повремено над 70 км/ч.
Од недела се очекува стабилизација на времето и потопло време, со променливи облаци и без значителни врнежи.
Во Скопје, попладне и во текот на ноќта, како и утре, се предвидуваат врнежи од дожд, повремено пообилни (над 20 l/m²). Од петок следува променливо облачно време со услови за локален дожд, а потоа времето ќе биде претежно стабилно и потопло.
