„Метлата“ на Ахмети ги исчисти „ветераните“: Џафери, Беџети и Дураку без функции – Бадентер за Влада е новиот услов

Конгресот на ДУИ донесе драстични кадровски промени кои во јавноста се толкуваат како обид за рефреширање на партијата по изборниот пораз. Над 60-тина довчерашни високи функционери и членови на раководните тела останаа без своите позиции.

Најзвучните имиња кои „паднаа“ по конгресот се поранешниот технички премиер и спикер Талат Џафери, пратениците Блерим Беџети и Садула Дураку, екс-градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари, како и Ејуп Рустеми и Назим Буши.

Во новиот врв на партијата остануваат главно проверени кадри од помладата гарда: Бујар Османи останува потпретседател, Арбр Адеми е именуван за нов генерален секретар, а новина е изборот на две жени за потпретседателки.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири за Телма телевизија овие потези ги опишува како „чистка и метла“ на Али Ахмети, која има за цел да ја консолидира партијата.

„Сепак, генерално станува збор за една чистка, за една метла од страна на Ахмети, метла која ги остави без функција многу значајни фигури внатре во ДУИ. Мислам дека тоа позитивно ќе се одрази меѓу нивното членство или кај нивните поддржувачи кои беа пасивизирани во изминатиот период“, анализира Незири.

Од друга страна, Изет Меџити, актуелниот градоначалник на Чаир и еден од лидерите на ВЛЕН (до неодамна дел од ДУИ), упати остри критики. За него, конгресот бил само претстава без суштина.

„Наместо идеи, Конгресот-театар понуди памфлети со ’главни теми‘ за да го прикрие неуспехот, но уште полошо – да избегне дискусија за суштинското прашање: кој е одговорен за поразот на изборите?!“, реагираше Меџити.

Покрај кадровските промени, Ахмети промовираше и нова политичка платформа – „нов историски договор“. Иако беа изгласани резолуции за унитарна држава, ДУИ сега бара воведување на Бадентерово (двојно) гласање при избор на Влада, како и при одредени одлучувања на Уставниот суд.

Аналитичарот Незири смета дека ова не е чекор кон федерализација, туку прагматично барање за функционалност, со оглед на тоа што без Бадентер тешко се поминуваат закони.

„Избор на влада по Бадентеров принцип мислам дека е еден вид обврска и потреба. Вие може да составите влада без Бадентерово мнозинство, но потоа не можете 40% од законите да ги поминете, како што е случајот со актуелната влада. ДУИ и Ахмети нема да отстапуваат од унитарниот карактер на државата, нема да предложат федерализација, туку ќе се држат до траекторијата од 2002-ра година и Рамковниот договор“, смета Незири.

Токму контролата врз Бадентеровото мнозинство е најсилното оружје на ДУИ во моментов. Партијата ја користи оваа моќ во Собранието, поради што сè уште нема гласање за закони и именувања за кои е потребно двојно мнозинство, меѓу кои е и изборот на нов Народен правобранител.