Мециновиќ: Противкандидатот се среќава со Меџити, јас со скопјани – од таму ми беше и ќе ми биде поддршката

Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, денеска во изјава за медиумите му одговори на својот противкандидат, кој, како што рече, „почнал да зборува за теории на заговор и од каде доаѓаат гласовите“.

„Денеска мојот противкандидат зборува за тоа од каде ми доаѓале гласовите, од каде ќе ми дојдат гласовите, и почнува да зборува за некоја теорија на заговор“, изјави Мециновиќ.

Тој додаде дека додека „владиниот кандидат се среќава со ВРЕДИ и добива нивна поддршка“, тој лично секојдневно се среќава со скопјани.

„Јас се среќавам со скопјани. И ќе продолжиме да се среќаваме со скопјани. Затоа што скопјани се охрабрени и во се поголем број ќе излезат во вториот круг“, порача Мециновиќ, додавајќи дека „контингентот кој го создадоа само ќе расте“.

Тој изрази увереност дека поддршката од граѓаните во вториот изборен круг ќе биде уште поголема.