Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, кој обезбеди пласман во вториот круг од локалните избори, им се заблагодари на скопјани за поддршката и довербата што ја доби во првиот круг.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, тој порача дека резултатот е доказ дека „искреноста и креативноста сè уште допираат до луѓето“.
– Скопјани мои најмили, ви благодарам од сѐ срце – за сите кои го дадоа својот глас, за сите волонтери, активисти, за сите кои веруваа дека Скопје заслужува повеќе. Она кое го изградивме во изминатите недели покажува дека политиката може повторно да делува човечки, напиша Мециновиќ.
Тој истакна дека вториот круг ќе биде избор меѓу „стариот систем кој го истроши градот“ и новиот пристап што го нуди Левица, кој, како што вели, ќе го стави колективниот интерес пред партиските калкулации.
– Ова движење никогаш не се однесуваше само на мене како кандидат, туку на сите скопјани кои одбраа да се надеваат наместо да се предадат. Надежта ќе ја претвориме во реалност во овој круг – со храброст, достоинство и неизмерна љубов кон сопствениот град. Скопје се разбуди, порача Мециновиќ.