Додека граѓаните своето злато го чуваат во домашни сефови или банки, државните златни резерви на Македонија, кои тежат околу седум тони и сега вредат над една милијарда долари, се наоѓаат далеку од границите на земјата. Народната банка потврди дека најголемиот дел од ова богатство се чува во еден од најбезбедните трезори во светот – во Банката на Англија.
Иако на прв поглед се чини логично секоја држава да си го чува златото „дома“, во праксата, исто како и Македонија, голем број земји своите резерви ги депонираат во големите светски центри како Велика Британија, САД или Швајцарија.
Златни прачки од 12 килограми
Македонското злато во Лондон не се чува како апстрактна вредност, туку во т.н. алоцирана (асигнирана) форма. Тоа значи дека точно се знае кои конкретни златни прачки ѝ припаѓаат на нашата држава.
Спецификациите на македонското злато се строги:
- Форма: Маркирани златни прачки кои ги исполнуваат стандардите на лондонскиот пазар.
- Чистота: Содржина на злато од најмалку 99,5 проценти.
- Тежина: Секоја прачка тежи околу 400 фини унци, односно приближно 12 килограми.
