Македонија

Милионски отштети за удари од кучиња – Николоски: Има формирано банда од адвокати и вештаци

Милионски отштети за удари од кучиња – Николоски: Има формирано банда од адвокати и вештаци

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, изјави дека во изминатиот период се исплатени, односно пресудени, околу 11 милиони евра отштета по основ на случаи поврзани со напади или удари од кучиња.

„Само за удари од кучиња, јас знам дека има кучиња, но не верувам дека сме толкави рекордери. 11 милиони евра се пресудени оштети“, изјави Николоски.

Тој оцени дека околу овие постапки постои организирана мрежа во која, како што рече, учествуваат адвокати, проценители и вештаци.

„Има формирано таму една банда, една мафија на адвокати, проценители, вештаци, и Бог ги знае како се викаат“, рече Николоски.

Според него, бројот на случаи бил особено висок до 2024 година, кога, како што наведе, со Агенцијата за државни патишта раководел Константин Ацевски.

Николоски тврдеше дека во тој период имало случаи во кои кучиња секојдневно удирале во возила, додека по 2024 година бројот на ваквите случаи бил намален.

„Излегува дека до 2024 година, дури беше оној Константин Ацевски директор, кучиња секој ден удирале во возила, после по 2024 година има намалиле со удирање“, додаде Николоски.

Неговите изјави отвораат прашања за начинот на кој се обработувале и исплаќале барањата за надомест на штета, како и за евентуалната одговорност на институциите и лицата вклучени во постапките.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни