Минималната плата во Словенија достигна 1.000 евра

Словенија и официјално ја утврди минималната плата за 2026 година, која ќе изнесува 1.481,88 евра бруто. Одлуката е потпишана од министерот за труд и објавена во Службен весник на 30 јануари, со што е испочитуван законскиот рок за нејзино донесување.

Со оваа одлука, работниците кои работат со полно работно време и примаат минимална плата можат да очекуваат месечни примања од околу 1.000 евра нето. Новиот износ на минималната плата има влијание и врз низа други социјални и работни права и надоместоци.

Министерството за труд појаснува дека законската рамка предвидува минималната плата да се движи меѓу 20 и 40 проценти над минималните трошоци за живот. За 2026 година, тој опсег изнесувал од 1.372,03 до 1.648,28 евра бруто. Првично бил утврден износ од 1.442,92 евра бруто, кој потоа бил усогласен со инфлацијата од 2,7 проценти, што резултирало со конечната сума од 1.481,88 евра бруто.

Од Министерството истакнуваат дека ваквиот модел има за цел минималната плата да претставува реална поддршка за работниците, обезбедувајќи им основна финансиска сигурност и услови за достоинствен живот, а не само формална законска обврска.