Синдикалната минимална кошница за септември 2025 година изнесува 65.077 денари и е пониска за 430 денари во споредба со август, кога достигна 65.507 денари. Доколку четиричлено семејство живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, потребните месечни трошоци достигнуваат 80.452 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според пресметките, најголем дел од буџетот се одвојува за храна и пијалаци – 23.394 денари или 35,9%. За облека и обувки се потребни 5.725 денари (8,8%), за станарина, вода, струја и греење 6.096 денари (9,4%), за транспорт 4.716 денари (7,2%), а за комуникации 3.417 денари (5,3%). За лична и домашна хигиена се издвојуваат 2.636 денари (4%), за здравје 1.174 денари (1,8%).
Трошоците за образование изнесуваат 7.097 денари (10,9%), за рекреација и култура 5.592 денари (8,6%), за ресторани и хотели 4.131 денар (6,3%), а за останати стоки и услуги 1.100 денари (1,7%).
ССМ посочува дека за семејства кои живеат под кирија дополнително се потребни 21.471 денар месечно.