Министерството за дијаспора испрати соопштение по вчерашната акција и временото затворање на граничниот премин Табановце со Србија.
„Како одговор на вашите бројни поплаки од вчерашниот случај, би сакал да ве известам дека денеска состојбата на граничниот премин Табановце е нормализирана, а за влез во нашата држава не се чека долго. Ние како Кабинет континуирано се ангажиравме и работевме во насока на идни олеснувања со цел да го дочекаме што поуспешно периодот на пристигнување на дијаспората во татковината, онака како што вие заслужувате“, велат од Министерството за дијаспора.
Од таму додаваат:
Во оваа заложба имавме поддршка од сите други надлежни институции и секако од Владата. Благодарение на оваа заложба, надлежните институции даваат се од себе за да го менаџираат протокот максимално, кој знаете дека е традиционално многу интензивен во овој период, што предизвикува редици и доцнења не само на нашата граница, туку и на границите на земјите-членки на ЕУ, како што се Хрватска и Унгарија. Синоќешните доцнења на граничниот премини Табановце не беа резултат на не ангажманот на граничните власти, туку неизбежен ефект на полициска акција за спречување незаконски активности и за кои случувања дополнително и во детали ќе бидете известени од страна на одговорните институции.
Пред се би сакал да изразам жалење поради ваквата немила ситуација и последиците со кои се соочува целокупното наше општество и вие од дијаспората како сосема недолжна страна.
Понатаму, во свое и во име на мојот Кабинет би упатил скромни честитки кон сериозната заложба и спроведувањето на успешната акција на надлежните институции, со повик да продолжат да постапуваат на соодветен начин и во иднина и да бележат понатамошен успех во слични интервенции упатени против престапници од било кои редови со или без униформа, заради спречување на секаков вид незаконски дејствија бидејќи законите треба да бидат еднакви за сите. Токму ваквиот став кон правдата ќе ни овозможи да ја исполниме таа обврска кон нашата држава како демократска од една страна и кон меѓународната заедница од друга.
Жалиме што одредени субјекти се обидуваат да добијат политички поени од ситуација која настана како резултат на активности за спречување на незаконски дејствија, обврска што ја имаме како држава кон нашите граѓани, но и кон меѓународниот фактор.
За крај, ве известуваме дека во новата година ве пречекуваме со 23 општински канцеларии за дијаспората, за да ви го олесниме престојот во татковината. Ќе ве поздравуваме таму со отворени врати, како што ве пречекувам и во мојот Кабинетот за дијаспора, каде ви стоиме на располагање 24 часа дневно.