Македонија

Министерката за култура нема да предложи разрешување на Азири кој „ќе крши раце и нозе на антиалбанци“

Министерката за култура нема да предложи разрешување на Азири кој „ќе крши раце и нозе на антиалбанци“

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска на пратеничките прашања во Собранието ја праша Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевски за тоа дали ќе предложи разрешување на Азири кој, на социјалните мрежи по инцидентот во Комисијата за европски прашања, напиша дека на антиалбанец како Милошоски заслужил многу повеќе, и дека на сите како него, кои ќе се обидат да ги понижат Албанците, ќе им ги скршат рацете и нозете.

На ова Костадиновска Стојчевски истакна дека сепак ќе почека дали надлежните органи ќе утврдат вина кај државниот секретар за култура Валмир Азири.

Таа вели дека потоа ќе се одлучи дали ќе предложи тој да биде разрешен.

Министерката порача дека пред да одговори на прашањето сака да каже дека осудува насилство но и дека не го оправдува насилството упатено на вчерашната собраниска комисија кон пратеничките Снежана Калевска Ванчева и Арта Биљали Зендели.

„Вие самиот поднесовте пријава и ако се утврди кривично дело ќе донесам соодветно решение, но имам прашање до вас“, вели Костадиновска Стојчевски, по што реагираше и потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој укажа дека на седницата за пратенички прашања министрите одговараат, а не поставуваат прашања.

Милошоски порача дека не е задоволен од одговорот.

„Кога државен секретар без разлика што мислел, во Министерство за култура каде очекуваме луѓето да бидат за нијанса поплеменити, тој јавно пишува и повикува на кршење на рацете и на нозете на сите кои не размислуваат како него, тогаш Министерството губи на репутација. Ако предложите разрешување вие ќе добиете на репутација. Ако заштитите човек кој поттикнува насилство Министерството и Владата губи на репутација и наместо да се превенира говор на омраза и насилство тој станува пасивен соучесник. Овој човек со своето поведение нема да ви помогне во ширењето на културата“, рече Милошоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни