Министерката за туризам на Црна Гора, Симонида Кордиќ, е тешко повредена во сообраќајна несреќа што се случила денес во 14:45 часот на автопатот помеѓу Драгаљ и Грахово до Рисно, соопшти Полициската управа, пренесуваат локалните медиуми.
Според информациите, Кордиќ била патник во службеното возило на Министерството за туризам, управувано од возач од министерството. Во несреќата, освен министерката, повредено е и уште едно лице, жена идентификувана како С.Ч., која била во друго возило.
Симонида Кордиќ е хоспитализирана во Клиничкиот центар во Котор со тешки повреди, додека другата повредена жена се наоѓа во Специјалната болница „Васо Ќуковиќ“ во Рисно со полесни повреди.
Несреќата се случила по тунелот на патот во Драгаљ, кога службениот „Мерцедес“ со министерката на совозачкото седиште се судрил со две други возила. Полициската управа истакна дека се води истрага за причините за несреќата.