Додека мерните станици покажуваат висока аеро загаденост и додека граѓаните се жалат, новиот министер за животна средина, Насер Нуредини едвај одвои една минута да им одговори на новинарите за мерките што се преземаат.
„Краткорочно треба да забраниме екстра производство. Индустријата треба да биде подобро контролирана, ќе ја контролираме подобро, ќе разгледаме различни компании, за контрола на фирмите за лиценца А и Б и ќе направиме се што е потребно и што можеме краткорочно. Долгорочно, ова е сложено прашање и ќе работиме на тоа“, изјави Нуредини.
Потоа министерот си замина и не дозволи други прашања. На конференцијата каде што учествуваше и тој, новинарите инсистираа да дознаат колку казни се изречени за загадувачите на воздухот. Но, министерот вели дека овие податоци ќе ги имаат наскоро. Според него, воздухот го загадувале индивидуи и компании кои не го почитувале законот.
„Не можам да ви дадам точна бројка колку казни се изречени. Ќе се одржи координирана средба во петок, секако ќе бидете известени за тоа, побаравме извештај д сите инспекторати и ќе имаме транспарентен извештај кој ќе биде објавен за сите и ќе кажеме колку казни се изречени и дали инспекторите си ја вршеле работата“, рече Нуредини.
Од иницијативата О2 велат дека преземените мерки од Владата не ги даваат потребните резултати и дека се многу малку во споредба со загадувањето во земјава. Невена Георгиевска од оваа иницијатива вели дека воздухот се загадува со палење гуми, шуми како и од страна на многуте загадувачи со дозвола од државата.
Невладините организации за заштита на животната средина и воздухот испратија отворено писмо до Претседателот и Премиерот со кое бараат во борбата против загадувањето да се вклучат Армијата и МВР. Пред неколку дена, премиерот Заев рече дека се формирани екипи од МВР и локални инспекторати кои што на дневно ниво ќе следат дали има пожари на јавни површини или палење шуми. Инаку, пред една недела, Куманово се најде на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Од општината велат дека воздухот во Куманово го загадува државната болница која се грее на мазут. Исто така и во Скопје, Гинекологија во Чаир и покрај бројните ветувања сè уште не е гасифицирана.