Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО од нивниот состанок во Брисел испратиле силна поддршка за финализирање и примена на Договорот од Преспа. Министрите на состанокот разговарале за состојбата на Западен Балкан, но било заклучено дека официјално Скопје направило напредок кон членството во Алијасата.
„Безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е приоритет на НАТО. Имаме силни врски со сите земји од регионот. Го поздравувам напредокот на Скопје во имплементацијата на договорот за името и ја очекувам можноста да им посакам добредојде како 30-земја членка на НАТО веднаш штом ќе ќе бидат комплетирани домашните процедури“, рече Столтенберг.
Од друга страна, министерот за надворешни работи Никола Димитров по средбите во НАТО Алијансата порача дека се очекува Македонија да стане полноправна членка на пролет 2020 и дека членството ќе значи гаранција за нејзините сегашни граници. Тој денеска учествуваше на сесијата на НАТО за мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во рамките на која Македонија испраќа свои сили.
Министерот информираше дека остварил девет билатерални средби со земји членки на Алијансата на маргините на дводневниот министерски состанок. Меѓу нив се Франција, Унгарија, Грција, Норвешка, Литванија и други.
„На сесијата на која што разговарале за Западен Балкан, практично има консензуална поддршка за Македонија. Планот е штом процесот кај нас заврши, да се финализира пристапниот протокол, кој заедно со Договорот од Преспа ќе оди на ратификација во парламентот во Атина. Потоа зависи од останатите парламенти од другите земји членки кога ќе се формализира нашето членство, тоа најверојатно ќе се заклучи некаде напролет 2020.“, рече Димитров.
Димитров попладнево заминува на средби во Европската Унија, со еврокомесарот Јоханес Хан и високата претставничка Федерика Могерини.
