Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, на свеченоста во касарната „Илинден“ во Скопје, по повод 5-годишнината од членството на Република Северна Македонија во НАТО порача дека единството во Армијата и во НАТО треба да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива во сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици, со единствена цел – подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите.
Мисајловски се осврна и на трагичниот пожар во Кочани, истакнувајќи дека денеска не само што го одбележуваме јубилејот, туку го славиме и заедништвото и меѓусебната поддршка. Тој нагласи дека нема доволно утеха за оние што го изгубија најблискиот, но дека НАТО и нашите сојузници ги понудиле своите раце за помош.
„Во разговорите со амбасадорите и колегите министри за одбрана од 32-те НАТО земји, сите покажаа солидарност, и речеа: ‘Сочувствуваме со вас’ и ‘Како можеме да помогнеме?’“ – додаде Мисајловски.
Тој истакна дека НАТО е многу повеќе од воено-политички сојуз – тоа е сојуз што се заснова на грижата едни за други. Во оваа алијанса, солидарноста и помошта меѓу државите се столб кој ги држи војските на највисоките професионални стандарди, особено во најтешките моменти.
„Секој припадник на Армијата и сите други кои беа ангажирани во кризата во Кочани покажаа голема професионалност. Секој од нив е херој во својата должност и треба да го прославуваме нивниот труд и посветеност“ – нагласи министерот за одбрана.
Тој повика на сериозни промени во општеството, што значат почитување на законите и изградба на праведно и модерно општество. Членството во НАТО е гаранција за стабилност и раст на македонската економија, што овозможува странски инвестиции и учество на НАТО пазарот.
„Ние не само што ја зацврстуваме нашата безбедност преку членството во НАТО, туку и даваме свој придонес во зајакнувањето на регионалната и глобалната безбедност. Инвестирањето во одбраната и модернизацијата на Армијата е клучно за стабилноста на регионот и пошироко“, изјави Мисајловски.
Тој заклучи дека единството во Армијата и НАТО треба да се пренесе и на општеството и со заедничка работа да изградиме подобро и побезбедно утре.
Свеченоста продолжи со показни вежби на припадниците на Армијата, а присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, началникот на Генералштабот на Армијата Сашко Лафчиски и други високи претставници.