Заменик-претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на прес-конференција вечерва изјави дека партијата е на прагот на „огромна победа“ на локалните избори 2025 година.
„Разликата е некаде три спрема еден. Има општини каде што е шест спрема еден, седум спрема еден, а во некои дури и десет спрема еден. Во дел од општините, СДСМ е трета партија“, изјави Мисајловски.
Тој соопшти дека, според досега пристигнатите резултати, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ веќе победиле во повеќе општини, меѓу кои Кисела Вода, Охрид, Радовиш, Берово, Ѓорче Петров, Гази Баба, Пехчево, Делчево, Прилеп, Битола, Ѓевгелија, Сопиште, Штип, Велес, Бутел, Аеродром, Јегуновце и Вевчани.
Мисајловски нагласи дека гласовите сè уште се пребројуваат, но според него резултатите укажуваат на „воз за победа“.
„На прагот сме на убедлива победа и во Струмица. Орце води убедливо за Скопје. Разликата е толку голема што нема простор за алиби на СДСМ, кои се обидуваат да го оправдаат изборниот дебакл“, рече тој.
Во однос на Демократската унија за интеграција, Мисајловски изјави дека „се декласирани“ и дека ќе имаат време да го анализираат својот пораз.
„Оваа победа е резултат на многу работа, посветеност и поддршка на политиките кои ги водиме. Македонија избра да оди напред, а не да се враќа назад. Благодарам, Македонијо, за историската победа“, заврши Мисајловски.
Тој додаде дека резултатите за Град Скопје сè уште се собираат, но според првичните податоци, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски води со разлика од пет до шест спрема еден во повеќе средини.