Мистерија во Косово: Еден од најголемите авиони во светот слета во Приштина во целосна тајност!

Слетувањето на еден од најголемите транспортни авиони во светот – „Антонов Ан-124 Руслан“, од украинско производство – на меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во близина на косовската престолнина Приштина, предизвика вознемиреност и бројни прашања кај граѓаните на Косово, пишува косовскиот весник „Газета Експрес“.

Огромниот авион, долг речиси 70 метри, со распон на крилјата од 73 метри и носивост до 150 тони, бил забележан како слетува на аеродромот „Адем Јашари“ во средата напладне од фотографи и љубители на авијацијата.

Се вчитува...

На социјалните мрежи во земјата брзо се појавија бројни објави со воодушевени коментари за пристигнувањето на авионот, а ентузијасти споделуваа снимки од пистата на аеродромот.

Во исто време, албанската редакција на Радио Слободна Европа упатила прашања до аеродромските власти и косовското Министерство за одбрана, но не добила информации за летот и неговата цел. Според медиумот, летот не бил видлив ниту на интернет-страниците за следење авиосообраќај, ниту за време на летот, ниту при слетувањето во Приштина.

Во ваквата ситуација, авиоентузијасти од Косово посочуваат дека авионот често се користи за превоз на воен товар и дека е можно да донел воена опрема од Германија за мисијата на НАТО во Косово (КФОР).

Поради ваквите тврдења, албанската редакција на Радио Слободна Европа испратила прашања и до германското Министерство за надворешни работи, како и до КФОР.

Одговор, сепак, пристигнал само од Министерството, каде било наведено дека „поради принципите и без оглед на конкретното прашање, Министерството не може да коментира воени транспорти“.