Пригушени експлозии и млаз меурчиња кои доцна во септемвриската ноќ во 2022 година ја пробија површината на Балтичкото Море, ги разорија двата гасоводи „Северен тек“, клучната руска гасна артерија кон Европа. Нападот се случи само неколку месеци по почетокот на руската инвазија врз Украина, а ударните бранови од таа ноќ одекнуваат по континентот и години подоцна, пишува CNN.
Нападот врз гасоводите предизвика меѓународна мистерија, а сомнежот прво падна врз Русија, додека дури и САД беа принудени да негираат каква било вмешаност. И денес, додека Германија се подготвува за кривично гонење на осомничените украински саботери, интригата не стивнува. Понатаму, обидите на Полска да го сопре случајот – очигледно за да ја заштити својата сојузничка Украина – предизвикаа нови тензии во Европа.
Германската истрага и полската блокада
Германија изгледа решена да ги изведе одговорните пред правдата и издаде налози за апсење на двајца Украинци: Володимир Журавлов, уапсен во Полска, и Сергеј Кузњецов, уапсен во Италија. Сепак, одлуката на полскиот суд од средината на октомври да го ослободи Журавлов сериозно ги поткопа надежите на Берлин. Според мислењето на судијата, ако експлозиите биле украински чин на саботажа, тоа претставувало оправдан одговор на ничим предизвиканата инвазија.
„Ако Украина навистина била организатор на овој чин на агресија, тогаш само Украина може да биде одговорна за овој настан“, рече судијата Дариуш Лубовски во пресудата со која го запре екстрадирањето. Журавлов (49) тврди дека нема никаква врска со нападот. Германските обвинители, пак, го опишуваат како „обучен нуркач“ кој бил „дел од групата што поставила експлозиви на гасоводите Северен тек 1 и 2“.
Во меѓувреме, Сергеј Кузњецов (49), поранешен украински војник и наводен координатор на операцијата, беше уапсен во Италија кон крајот на август. Неговиот адвокат изјави за CNN дека Кузњецов ја негира вината и се жали на одлуката за екстрадирање во Германија.
Ставот на Полска јасно го изнесе премиерот Доналд Туск. „Проблемот на Европа, проблемот на Украина, проблемот на Литванија и Полска не е тоа што Северен тек 2 беше дигнат во воздух, туку тоа што беше изграден“, им рече тој на новинарите. Тој додаде дека „секако не е во интерес на Полска, ниту во интерес на пристојноста и правдата, овој граѓанин да биде кривично гонет или екстрадиран во друга држава“.
Став на Туск ги одразува долгогодишните грижи за гасоводот. Уште во 2007 година, тогашниот полски министер за одбрана Радек Сикорски го критикуваше Северен тек 1 како „најскандалозниот обид на Путин да ја подели и наштети на ЕУ“. Слични предупредувања со децении доаѓаа и од САД. Полскиот став ги откри поделеностите во Европа, а унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го нарече „шокантен“. „Едно е јасно: не сакаме Европа во која премиери бранат терористи“, напиша тој на социјалната мрежа X.
За многу постсоветски земји, ова е момент на потврда по децении предупредувања за опасноста од приближување кон Русија. Поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис изјави за CNN дека, ако случајот се гледа изолирано, „може да нè натера да заборавиме како стигнавме до тука“.
Симбол на зависност од руската нафта
За разлика од Данска и Шведска, кои ги прекинаа истрагите, Германија опстојува. „Тоа е држава на владеење на правото“, објаснува Стефан Мастер, експерт за Источна Европа од Германскиот совет за надворешни односи. Тој смета дека германската упорност е насочена кон домашната публика, особено поради десничарските популисти од AfD кои ја доведуваат во прашање доверливоста на државните институции.
Германија беше движечка сила зад проектот Северен тек и имаше огромна корист од него. Руските добавувачи покриваа речиси 30% од германските потреби за гас во 2016 година. Врските беа и политички; поранешниот канцелар Герхард Шредер по мандатот премина во управата на руските енергетски гиганти Газпром и Росњефт.
Гасоводите станаа симбол на зависноста од евтина руска енергија, а критичарите сметаат дека Европа поради тоа ги занемарила агресиите на Москва во Грузија во 2008 и Украина во 2014 година. Во неодамна објавените мемоари, поранешната канцеларка Ангела Меркел ги одби обвинувањата за зависност, нарекувајќи го Северен тек 2 „релика од пропадната инвестиција“.
Мистеријата околу експлозиите и понатаму создава тензии во Европа во момент кога единството против Русија е клучно. Но, без оглед на исходот на германската правна битка, едно е сигурно: рускиот гас повеќе нема да тече кон Европа како пред 2022 година.
Од почетокот на инвазијата, Европа забрзано се одвикнува од децениската зависност, а уништувањето на Северниот тек само го забрза тој процес. Уделот на Русија во увозот на гас преку гасоводи во ЕУ падна од над 40% во 2021 година на околу 11% во 2024 година. Како што го сумираше естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна во март: „Правото место за Северен тек 2 е на дното на морето, во парчиња“.