„Бог станува Човек, за човекот да стане бог по благодат. О, несфатлива тајно!“ Со овие зборови Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски, г. Петар, им го честиташе Рождеството Христово – Божик на верниците.
Во своето Божикно послание, владиката Петар потсетува на суштината на овој голем празник, нарекувајќи го „настан кој ги разделува вековите“, каде сè пред Него е очекување, а сè после Него е остварување.
Пештерата стана прва црква
Митрополитот истакнува дека Божик не е само спомен на историски настан, туку повик за повторно раѓање на секој верник.
„Пештерата во Витлеем стана првата христијанска црква… Христос не се раѓа само во Витлеем. Христос сака да се роди и во секое срце. А срцето, ако не се очисти од суета, од омраза, од гордост… не може да биде витлеемската пештера, туку станува Иродов дворец“.
Заштита на Православието: Нема дијалог што ја жртвува Вистината
Особено впечатлив дел од посланието е посветен на зачувувањето на чистотата на православната вера. Владиката Петар упати јасна порака дека Црквата не смее да прави компромиси со догмите заради лажно единство.
„Православната Црква не постои како историски компромис, ниту како човечка институција подложна на духот на времето… Таа не се бори за унија по секоја цена. Православието не може да биде релативизирано, ниту пак измешано со догматски учења што се појавиле подоцна“, дециден е Митрополитот.
Тој додава дека Црквата не ја отфрла љубовта, но одбива „секаков дијалог што ја жртвува Вистината заради надворешен мир“, нагласувајќи дека љубовта без вистина е само сентименталност.
Честитка до верниците
На крајот, Митрополитот Петар повика на простување и љубов, посакувајќи светлината на Богомладенецот да ги преобрази душите на верниците.
„Божик станува Божик само тогаш кога Христос се раѓа во нашите души и срца. Кога ќе се смириме. Кога ќе простиме. Кога ќе почнеме да љубиме“, порача Владиката, завршувајќи со традиционалниот поздрав: Христос се роди! Навистина се роди!
