Македонија

Мицкоски дециден: Нема да потпишам капитулација за Уставот, ако народот мисли дека грешам – ќе се повлечам од политиката

Мицкоски дециден: Нема да потпишам капитулација за Уставот, ако народот мисли дека грешам – ќе се повлечам од политиката

Премиерот Христијан Мицкоски испрати остра и недвосмислена порака во врска со условувањата за продолжување на евроинтегративниот пат, нагласувајќи дека под ниту еден услов нема да стави потпис на, како што рече, „капитулацијата“ прифатена од претходната Влада.

Одговарајќи на новинарски прашања во Охрид за напредокот на земјите од регионот и Источна Европа кон ЕУ, Мицкоски порача дека граѓаните се уморни од континуирани национални отстапки без никакви гаранции за крајната цел. Тој својот политички легитимитет директно го врза со одбраната на македонскиот идентитет.

„Безусловно да ставам потпис на нешто што го прифати претходната Влада или т.н. капитулација, додека сум на оваа функција, нема да направам. На крајот, ќе дојдат избори. Граѓаните ќе го кажат својот суд. Ако сметаат дека сум погрешил, ќе гласаат за спротивната политичка опција. Ние ќе заминеме во опозиција, а јас ќе се повлечам од политиката“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека Владата останува отворена за разговор и барање решенија, нагласувајќи ја својата конструктивност, но потенцираше дека нема цена по која би се правеле безусловни отстапки.

„Граѓаните очекуваат лидерството на македонската Влада да го заштити македонскиот национален идентитет. Ние токму тоа и го правиме“, заклучи претседателот на Владата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни