Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска повика граѓаните масовно да излезат на локалните избори на 19 октомври, за како што рече, брзо да влезат во администрацијата на Град Скопје и да ги решаваат проблемите со кои се соочува градот. Тој ја даде изјавата по средбата со претставници на Стопанската комора на северо-западна Македонија во рамките на изборната кампања.
„Да влеземе прво во Град Скопје. Од информациите што ги имаме, состојбата е алармантна, особено во однос на должничко-доверителните односи. Ги замолувам граѓаните да излезат масовно на 19 октомври, Орце Ѓоргиевски да стане градоначалник и што поскоро да започнеме со решавање на предизвиците“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот регион имале отворена и плодна дебата со членовите на Стопанската комора, заснована на реални и конкретни примери кои треба да се реализираат.
„Приоритет ќе биде завршување на патната клучка кај Момин Поток и патот до Индустриската зона. Стопанствениците имаат право да реагираат, бидејќи пристапот до оваа зона е неадекватен, а учеството на зоната во БДП е значајно. Ова ќе биде еден од врвните приоритети. Исто така, очекуваме овој месец да се заврши и сагата за автопатот Скопје-Блаце, со реална понуда во рамките на планираните средства“, истакна Мицкоски.
На средбата, премиерот ги запозна присутните со макроекономската состојба и со исполнувањето на договореното пред изборите во претходната година, како и со очекувањата за наредниот период.
В.д. претседателот на Стопанската комора на северо-западна Македонија, Нихи Алиу, посочи дека претставниците на Комората ги презентирале своите проблеми, предлози и платформата на Комората. Тој истакна дека видел сериозност во пристапот на кандидатите на Мицкоски, а голем дел од нивните укажувања веќе се дел од изборната програма на партијата.
„Имаше различни предлози, но добивме и конкретни одговори за решенија од кандидатите за градоначалници, вклучително и од кандидатот за Скопје. Премиерот даде детални информации за макроекономската состојба. Како Стопанска комора сме многу задоволни од начинот на кој ги гледаат проблемите и сакаат да ги решат“, рече Алиу.
Тој додаде дека главните проблеми се поврзани со комуналните и јавните претпријатија во Град Скопје, кои, според него, не функционираат како што треба.
„Проблеми има и со Индустриската зона Визбегово, каде патот е нефункционален. За една индустриска зона со сто милиони обрт годишно, над 8.000 вработени и учество во БДП од 7,5 проценти, ова заслужува приоритет. Од кандидатот за градоначалник добивме уверување дека ова ќе биде решено“, заклучи Алиу.