Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во Сител Телевизија рече дека ќе се отворат сите претходни случаи и за модуларната болница и за Ласкарци велејќи дека ќе се оди до крај и ќе има одговор што точно се случувало, односно како што рече премиерот или ќе има победа за Македонија и граѓаните или за мафијашите.
-Сите овие случаи коишто ги кажавте одблиску ќе ги следам. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството многу јасно да ја прошири истрагата и да го идентификува не само возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку да видиме во кој испитен центар кажале дека тој технички е исправен, кој ја дал да тој испитен центар функционира така што функционира. Зошто во модуларната болница е променето министерството од едно во друго кога е правена јавната набавка, зошто кабелот е виновен, кој го направил проектот и дали можеби недостасуваат некои елементи, таму каде што мислам дека недостасуваат. За сето ова ќе има одговор, ќе има разврска. Нема ништо да оставиме. Јас ви реков тргнавме, нема сега запирање, сега одиме до крај. Или тие или ние. Во животот постојат две работи, или тој или ти. Не може двајцата да опстанат, или ние ќе опстанеме, Македонија и граѓаните од една страна, или мафијашите. Нема место за двајцата повеќе, вели Мицкоски.
Тој додаде дека кога ќе одлучи да влезе во битка, или он или противникот, не може двајцата.
На констатацијата од новинарот дека го држи за збор за ова што го кажа премиерот Мицкоски, рече: Да ме држите за збор.