Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нема најава за укинување на вториот пензиски столб. „Кој најавил дека ќе се укине вториот столб? Јас можам да зборувам од името на Владата. Таква најава од името на Владата нема“, рече Мицкоски.
Во изминатиот период владините претставници најавуваат реформи во пензискиот систем, но засега не е познато во која насока тие ќе се движат. Променетите околности од воведувањето на вториот столб до денес ја наметнаа потребата од негово преиспитување, а веќе се спроведуваат анализи што треба да покажат како понатаму.
Државниот завод за ревизија минатиот месец укажа дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно средствата во вториот пензиски фонд, и покрај законски утврдените рокови за извршување на трансакциите.
Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) посочија дека теоретски е можно национализирање на вториот пензиски столб, но дека тоа веројатно би било најмалку посакувано решение, бидејќи само краткорочно би ги ублажило проблемите, односно би го покрило дефицитот за најмногу три години.
Демографските трендови, како стареењето на населението и иселувањето на младите, создаваат сè поголем дисбаланс во системот. Се очекува државата да изготви сеопфатна анализа за евентуална пензиска реформа.