Мицкоски: Минималната плата да се реши директно помеѓу работници и работодавачи

Прашањето за висината на минималната плата треба да се решава преку директен дијалог помеѓу работниците и работодавачите, додека Владата може да има улога само на посредник, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски при посета на Тетово, коментирајќи ги барањата на синдикатите.

„Нашиот став е јасен, работниците и работодавачите се тие кои во бипартитен дијалог треба да најдат решение за минималната плата. Владата, во рамките на Економско-социјалниот совет, е само фасилитатор“, рече Мицкоски.

Во однос на вработените во јавниот сектор, каде Владата е работодавач, премиерот потсети дека за најголемиот дел од прашањата веќе има постигнато решенија. За преостанатите околу 7.700 до 7.800 административни службеници, понудата е веќе на маса.

„Нашиот предлог предвидува дека за две години и два месеца од денеска, вработените во државната администрација ќе имаат примања повисоки за минимум 40 проценти. Доколку синдикатите се согласат, подготвени сме да ја прифатиме уште утре“, истакна Мицкоски.

Изјавата следува по големиот протест на ССМ одржан неделава, на кој се бараше минимална плата од 600 евра, наспроти сегашните 400 евра.