Мицкоски: Моќта е минлива, но делото и доблеста остануваат

Со порака дека изборната кампања не смее да биде театар на празни ветувања, туку мост меѓу вистината и надежта, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го означи почетокот на кампањата за локалните избори. Тој нагласи дека неговата партија од граѓаните не бара аплауз за ветувања, туку доверба за работа.

„Кампањата е момент на убедување, но и момент на огледало, таму се гледа и народот и човекот кој се кандидира и нивната меѓусебна искреност“, напиша Мицкоски во својата објава.

Според него, народот очекува подобар живот, сигурност и правдина, но во суштина, очекува нешто подлабоко – достоинство и човечност. „Да не биде излажан, да не биде третиран како средство, туку како цел за чија благосостојба мора да се работи одговорно“, истакна тој, додавајќи дека неговиот однос во политиката секогаш бил искрен, со срце и со чест.

Мицкоски порача дека политичарите не смеат да заборават дека под титулата и протоколот имаат исто срце и достоинство како и секој друг граѓанин и дека треба да бидат водени од волјата и болката на народот.

„Да бидеме човек кој знае дека моќта е минлива, но делото и доблеста остануваат. И во животот е многу важно да се направи вистинскиот избор“, вели тој.

На крајот, тој ги повика граѓаните да го направат вистинскиот избор за себе, за своите најблиски и за иднината.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.