Мицкоски: На лидерската средба сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото

По лидерската средба во Клубот на пратениците, премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека разговорите меѓу политичките лидери донеле придвижување околу дел од прашањата што беа на маса.

„Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоците, а за техничката влада, генерално, сите се согласивме дека треба да замине во минатото“, изјави Мицкоски по средбата.

Според него, доколку не се постигне согласност кај сите парламентарни групи за укинување на пржинската влада, таа би важела и за следните избори, по што би се укинала. Тој посочи дека ќе бидат неопходни измени во Законот за Владата поради промените во ресорите.

„Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап – на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови“, истакна Мицкоски.

Средбата се одржа по негова иницијатива. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски беше придружуван од координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски. Од коалициските партнери во Владата присуствуваа генералниот секретар на ЗНАМ и министер за јавна администрација, Горан Минчев, и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами од коалицијата „Вреди“.

Од опозицијата на средбата присуствуваа лидерите на Левицата и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го одби повикот на Мицкоски, не присуствуваше на средбата.